Последна промена пред 25 минути | Петок 18 Мај 2012 | 97 0
http://v2plusinfo.cfd.mk/commercials/filipVtori2.jpg

Уметноста и архитектурата - жртви на диктаторската владеачка пропаганда

  • Објавено: 09.02.2012 15:30
  • Прочитано: 1954
  • Печати

Власта во Македонија денес е единствен уметнички колектив, а современата ситуација на полето на уметноста и нејзината идеолошка функција се во континуитет со уметноста во тоталитарните општества на 20-тиот век, сметаат експерти на полето на уметноста и архитектурата. Кај нас денес владее стариот едукативен систем за визуелни уметности, заснован во социјалистичкото општество, каде што улогата на уметникот и архитектот била претставување на вредностите на системот, коментираат тие.

Според нив, архитектурата се претвора во медиум на предизборните кампањи. 

Теоретичарот и дигитален уметник Зоран Попоски смета дека на денешната уметничка сцена во Македонија убедливо доминира концептуално-уметничкиот колектив на власта.
- Нивните проекти се најамбициозното нешто што досега се случило во македонската уметност од аспект на нивниот обем и буџет, а не помалку интересни се нивните теориски импликации - изјави Попоски и додаде дека нашата денешна ситуација на полето на уметноста е во континуитет со уметноста во тоталитарните општества од историското минато на 20 век.  Но, меѓу нив сепак постои една разлика.

Така, според Попоски, социјалистичкиот реализам во советскиот блок, иако тврдел дека зборува за сегашноста што се отсликуваше во реалистичкиот дел од соцреалистичката естетика, тој во суштина бил проективен, односно се занимавал првенствено со идејата за идниот (подобар) човек. Кај националсоцијализмот пак, нагласокот бил врз вечната и неменлива историја која ја создава полубожествената фигура на херојот. Оттаму потекнува вљубеноста во „старите“ мајстори и борбата против модернизмот.

- Делата на нашиот уметнички колектив може да се анализираат како парадокс-објекти. Регистарот на уметничките тактики кои ги користи се дисперзирањето на авторството, преименувањата, спомениците, контрапротестите, впрегнувањето на постмодерната теорија, ситуационистичките плажи и колективни ручеци, „препакувањето“ на модерната архитектура, тоталната медијализација - изјави Попоски. 

Мултидисциплинарниот уметник Никола Узуновски пак смета дека во нашата современост слободата на уметничкото изразување се користи како дупка во законот за маркетинг кој забранува партиски маркетинг во масовните медиуми.
- Поради тоа партиите ја користат архитектурата како медиум да градат предизборни кампањи во армиран бетон. И тука не се работи ни за политичка пропаганда која има цел да создаде систем на вредности, тука за партиска чија цел не е општото добро, туку личните интереси - изјави тој.

Узуновски објаснува дека во последната деценија во Европа со уметноста и архитектурата се промовира самоодржливиот развој.

-Најмногу се инвестира во архитектурата со минимална или нула потрошувачка, со еколошки начин на живеење од кој бенефит има целото општество. Кај нас пак, како што гледаме се прави спротивното. Се создава уметност и архитектура која има цел да постави систем на т.н. “древни” вредности, кој јас би ги нарекол ретардирани, изразена метафорично со воини кои промовиаат насилство. Тоа е копирање без креативност што всушност промовира кражба. Се инсистира  народот да се идентификува со реченицата “Јас, сум потомок на најголемиот воин во историјата. Ништо друго не треба да знам, а камоли да направам.“ - изјави Узуновски и нагласи дека денес во Македонија културата е на ниво на филмот „Шампионите од Шутка“.

Тој додаде и дека ваквите практики, политиката да изнесува систем на вредности преку уметноста не се непознати. Создавањето уметност, само по себе е политички акт. Тоа е процес на изразување на емотивната состојба на индивидуата или општеството. Таа го дефинира или проблематизира системот на вредности, кои се главен дел од социјалниот живот.

- На пример, нацистичката и фашистичката пропаганда го подготвуваше народот доброволно да оди во војна. Тогаш Мусолини го претвори Венециското биенале во изложба на воената индустрија, каде што ја качи милитаризацијата на ниво на највисока уметност. По војната пак, на Венециското биенале и во пошироката јавност се промовираа два система, капиталистичкиот и социјалистичкиот. САД одбираше да ги прикаже најекцентрицните уметници само да даде порака дека кај нив 
може секој да прави што сака и дека таму владее слобода, а во комунизмот не. Во спротивно, СССР на Венециското биенале ги носеше сите уметници кои постојат во државата, за да изјави дека кај нив секој е еднакво важен - изјави Узновски и нагласи дека кај нас, за жал, владее стариот едукативен систем за визуелни уметности, кој е заснован за социјалистичкото општество, каде што улогата на уметникот била да ги претставува вредностите на системот.

Според архитектот Мирослав Грчев приказната за интеракцијата помеѓу архитектурата и тоталитарните апсолутистичките режими трае откога постојат и едните и другите. На архитектите во постарите времиња нарачатели и инвеститори можеле да им бидат државните врвови.
- Со создавањето на граѓанските општества и востанувањето на модерните држави во последните два века се случува процес на депократизација и релаксирање на патолошката меѓузависност - изјави Грчев.

Според него во модерното време архитектоснкиот еснаф се изборува за автономија на компетентноста. Како резултат на тоа огромниот број на конурски, на кои одлучува стручно жири чиј став се темели исклучиво на архитектонски, инжинерски, ликовни, визулени и естетички критериуми го подигаат нивото на архитектонски оставрувања.
Грчев нагласи дека во модерното доба во последниот век исклучок од демократизираната и ослободена архитектура се тоталитарните општества, независно од тоа дали станува збор за формите на капитализам, нацизам, или за рожби на левите социјалистички или комунуистички идеологии како што се сталинизмот, режимот на Чуешеску, Маоизмот.

- Тие се исклучок од слободното архитектонско творење бидејки тоталитаризмите имаат претензии да владеат со сите аспекти на своите општества. Тука се појавуваат различни водачи и татковци кои имаат инстинкт да бидат непосредни нарачатели, на архитектите да им го наметнат како референтен својот сиромашен вкус и својата патолошка претензија да одлучува за просторот, за архитектурата и за сето она за што немаат интелетуална спрема - изјави Грчев и нагласи дека како што е тоа случај кај нас денес, продукт на тоталитарниот режим е помпезна, брутална, мегаломанска, мртвосиметрична, досадна архитектура и предимензионирани кич-споменици. 

ЛФ/КИ

Објавено: 09.02.2012 22:53

ima i pametni luge:

bravo za tekstov,ima i pametni luge kaj nas

Напиши коментар:

име:
е-маил:

добивајте известувања за коментарите на маил
порака:
ОСТАНАТО ОД РУБРИКАТА
ПОВЕЌЕ >>