Последна промена пред 30 минути | Среда 22 Мај 2013 | 128 1
http://images.plusinfo.mk/kolumnisti/zoran zaev -.jpg

Интервју со Зоран Заев, потпретседател на СДСМ: Во Македонија соживот има - живот нема

  • Зоран Заев

  • Прочитано: 7807
  • 27.04.2012
Сподели со твоите пријатели!

Останатo од Зоран Заев

1. Ви истекува последната година од четиригодишниот мандат како градоначалник на општина Струмица. Како планирате да го заокружите мандатот и дали сте задоволен од досега сработеното? Со кои проекти може да се пофалите, а што сакавте, но не успавте да реализирате?

 

- Јас лично сум повеќе од задоволен. Успеавме, заедно со граѓаните, да направиме многу повеќе од тоа што го ветив. Во оваа последна година сакамe да ја заокружиме успешната приказна наречена Струмица. Да стартуваат со градба новите 20 фабрики кои се пред почеток на градба кои заедно со веќе изградените и ставени во функција 35 нови производствени погони се одличен пример за домашни и странски инвестиции - фабриките се одличен пример дека ако се вложи доволно напор може Македонија да биде успешна приказна. Сакаме идниот месец да го пуштиме во употреба природниот гас кој ќе протече во веќе изградената гасоводна мрежа во Струмица од 13 километри, на која ќе се приклучат сите фабрики и сите јавни, државни и општински институции, како и почетокот на приклучување на домаќинствата во август и септември. Оваа година завршуваме со сите улици во сите населени места и повеќе нема да има улица во селата во општина Струмица без асфалт. Оваа година, исто така, ќе го ставиме и последниот печат на дополнително разубавена Струмица која и досега важеше за најубаво и најдобро место за живеење. Одводниот канал над градот Струмица, градското корзо, трите булевари, спортскиот центар, 85-те нови улици, 48-те нови тротоари, 5-те канализациски системи во пет поголеми струмички села, се исто така покрупни проекти на кои сме во моментот посветени.
Вкупно оваа година имаме 330 конкретни капитални проекти, а со Господ напред се надевам на позитивен ребаланс во јули со чие 20 отсто зголемување, бројот на капитални проекти за 2012 година ќе достигне до бројката од 400. Досега за 7 години имаме реализирано повеќе од 1.800 конкретни капитални проекти и секој ми е посебно драг. Меѓу нив се најголемиот плоштад во Македонија во кои се првите подземни улици, првите подземни семафорски раскрсници со подземни паркинзи, проект вреден 3.6 милиони евра. Гасификација на Струмица - проект вреден 2 милиони евра досега. Изградба на два нови булевара и обновување на постојните, како и реконструкција на 50 отсто од улиците во градот Струмица. Целосно урбано уредување на сите населени места во општина Струмица и многу, многу други проекти. Докажавме на сите во Македонија, па и пошироко, дека од мало место во југоисточниот дел на Македонија направивме бренд, направивме гордост македонска, пуштивме недвосмислена и јасна порака до сите дека ако се сака, ако се направат доволни напори може да се успее и во македонските општини.


2. По два градоначалнички мандати, дали имате ли амбиции за трет последователен мандат на чело на Струмица?

 

- Многу е рано да се зборува за тоа. Јас имам уште цели 11 месеци обврски пред граѓаните на Струмица. Некаде на есен, на неколку месеци пред изборите ќе донесам одлука дали воопшто ќе се кандидирам. Ако сега би морал да ја донесам одлуката одговорот би бил, не!


СОНУВАМ ДА СЕ ВРАТАМ ВО БИЗНИСОТ

3. Дали во иднина се гледате во друга област или на друга функција - можеби имате желба за лидерското место во СДСМ, која извесен период ја водевте како в.д. претседател?

 

- Е, за тоа можам уште сега и со сигурност да кажам дека немам амбиции за лидерско место во мојата партија. Јас веќе ја имав честа да ја водам оваа голема партија и навистина сум среќен поради таа можност што ја имав. Но во иднина секако не, не ја гледам својата иднина како лидер на СДСМ.


4. Или пак, повеќе сакате да се испробате во извршната власт? Со оглед на тоа што актуелниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, најави дека и на следните парламентарни избори нема да биде партискиот кандидат за премиер, се гледате ли вие како алтернатива за наследник на Никола Груевски?

 

- Ако не се гледам себеси како лидер на СДСМ тоа само по себе значи дека немам аспирации ниту за премиерско место. Значи одговорот е НЕ, не се гледам себеси во иднина како премиер, ниту пак во извршната власт.


5. Имајќи го во предвид фактот дека вие во високата политика влеговте како бизнисмен, најпрвин во законодавната, а потоа и во локалната власт, ви недостига ли бизнис животот? Сакате ли еден ден да се вратите во реалниот сектор?

 

- Буквално мечтаам по тоа. Искрено се надевам дека ќе ја заокружам успешно честа што ја имам да ја водам Струмица и после тоа да се вратам во реалниот сектор. Полн сум со информации за сите финансиски текови во општеството, мислам дека ги знам во детали сите структури на приватниот и јавниот сектор во Македонија, предностите и слабостите на нашето стопанство и со сите тие информации и искуства кои ги носам во себе можам навистина да дадам огромен придонес во приватниот сектор. Едноставно кажано - сонувам да се вратам таму од каде што дојдов, а тоа е во приватните фирми на моето семејство.


КОГА-ТОГАШ, ЗА КРИМИНАЛОТ СЕ ОДГОВАРА
 
6. Периодов, претставувате објект на канонада од напади од страна на вашите политички опоненти. Обвинувањата на ваша адреса главно се однесуваат на ненаменското трошење на буџетските пари. Според едно од нив, преку јавните претпријатија под капа на општината која ја водите сте префрлиле пари во фирма на ваши сопартијци, а според друго, преку средното училиште сте префрлиле пари на фирма на член на вашето најблиско семејство. Според трето, пак, општински пари сте трошеле за лични потреби, како на пример, за лично обезбедување. Нема ли тука конфликт на интереси, или доколку се е законски, тогаш не сметате ли дека тоа е спорно од морален аспект?

 

- Како политичар кој подолг период функционира во оваа наша млада демократија, искрено ќе кажам дека отрпнав од сите видови на манипулации со кои се служи мојот политички противник. Од една страна велам нека се критикува, сепак јас сум првиот човек во локалната власт во Струмица, а ако не се критикува тој што е власт како поинаку би се коригирала таа власт кон подобро. Од друга страна, критиките доаѓаат од оние кои ја водат државната власт, од оние кои ги имаат под целосна контрола органите на прогонот и навистина - ако има и мала трошка незаконско работење, верувајте тоа на Заев најмалку би му го опростиле. Веднаш ќе знае цела Македонија. Затоа, можам кратко да кажам дека покрај законското работење, без конфликт на интереси согласно законот, целосно морално ја водам општина Струмица.
Покрај тоа што се сметам за успешен градоначалник, благодарение на фирмите на моето семејство, можам да бидам и добар и хуман прв човек во општината. Ова го велам зошто лесно е да се биде хуман со народни, јавни пари, големината е да се биде човек со широко срце со приватни, сопствени пари. Ме води премисата дека парите можат да го направат човек среќен само и единствено ако ги потроши за друг. Благодарение на семејството Заеви и нивите фирми како и големината и широкоградоста на многу други фирми и поединци во Струмица можам слободно да кажам дека најголемите радости вршејќи ја градоначалничката функција ги доживеав кога ќе се вратеше излечено, болно детенце од лекување во странство или од Скопје, кога ќе ја видев среќата на лицето на мој сограѓанин кој претходно ја изгубил целата надеж од надвиснатите проблеми, кога ќе ги платевме огромните сметки на семејства кои водат борба за гола егзистенција, кога ќе го вратевме или возобновивме изгубениот дом на некој наш сограѓанин, кога ќе го видев насмеаното лице на родителот кој претходно да му го обезбеди тоа што од него го бара неговото дете или највеќе од се - кога ќе ја видов вратената насмевка на некое детско лице.

7. Уште едно од обвинувањата од страна на Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кое предизвикува особено внимание, е дека откога вашето семејство откупило акциски пакет во велешката фабрика „Киро Ќучук“, околу 400 велешани останале на улица, бидејќи сте ја однеле фабриката во пропаст.

- Досега во се што имаат вложено Заеви е во оваа наша прекрасна земја. Јас скоро и да немам роднини кои живеат надвор од државата, се што имаме е овде во Македонија. Во се што имаме вложено досега е рестартирано и функционира, лесно или со тешкотии, но функционира. Во нашите фирми имаме вработено 820 граѓани на Македонија и секој месец, даваме околу 415.000 евра бруто плата. А верувајте месецот многу брзо проаѓа. Се бориме, работиме и само така веруваме дека и вработените ќе земаат плата и ќе остане за профит. Повеќе од 70 отсто од капиталот на Заеви е кредити и тоа е сосема нормална работа. Во фабриката Киро Ќучук имаме 24,8 отсто од акциите. Само на човек паднат од Марс може да му падне на памет да каже дека малцинскиот акционер во едно акционерско друштво може да ја однесе фабриката во пропаст и да ги остави вработените на улица. Тоа апсолутно не е точно. Намерата на купување на акциите во Киро Ќучук беше да се дојде до управувачки пакет и преку тоа да се менаџментот на фабриката поставен од ВМРО ДПМНЕ кој ја уништи најдобрата тулана во Македонија. Кога ние ги купивме 24,8 отсто од акциите во 2008 година оваа власт предводена од ВМРО ДПМНЕ беше веќе 2 години власт, и фабриката беше целосно уништена. Оттогаш до денес, секој наш обид да дојдеме до управувачкиот пакет на акции наидува на нож од државните органи заканувајќи се дека веднаш ќе биде отворена стечајна постапка на фабриката и тогаш Заеви би изгубиле се. Кога купувате акции - повлекувате кредит од банка и тој има и камати и рати кои доспеваат секој месец за плаќање. До денес ги плаќаме каматите, ги враќаме ратите по нашите кредити, а фабриката Киро Ќучук предводена од исто раководство од 2006 година, се повеќе и повеќе тони во долгови. Управа за јавни приходи денес има побарување од фабриката Киро Ќучук приближно 4 милиони евра, во 2008 година тие побарувања беа околу 1 милион евра. Дали Управа за приходи предводена од кадар на оваа власт не ги наплатува државните побарувања од фабриката Киро Ќучук оти го сака и штити Заев?
И на малите деца им е јасно дека оваа власт ги штити само нивните интереси, а актуелното раководство на туланата и состојбите во туланата во Велес се калкулантски интерес на оваа власт. Власта си има свои калкулации таму, за кои морам да ги потсетам дека се криминални и не застаруваат, за нив ќе се одговара, кога тогаш.


8. Притоа, обвинувањето беше ставено во контекст дека фабриката сте ја обезвредниле заедно со луѓе блиски до лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски. Која е вашиот коментар во однос на тоа и каква е вашата релација со Георгиевски - дали навистина му овозможувате услови за бизнис во Струмица?

 

 

- Љубчо Георгиевски да го ставиш во оваа работа е повеќе од глупост. Власт во оваа наша земја повеќе од 6 години е Никола Груевски и тајфата околу него. Јас се познавам со Љубчо Георгиевски само како политичар со политичар. Ниту барал нешто од мене, ниту добил нешто од мене и обратно, ниту јас од него.      

МАКЕДОНИЈА Е ЈАГНЕ ПРЕД „КЛАЊЕ“

9. Повеќе од јасно е дека сето ова е во насока на предизборна кампања за следните локални избори, па што очекувате на изборите за општинската власт, од чиј исход, секако, во голема мера ќе зависи расплетот на политичката сцена во пресрет на следните претседателски и парламентарни избори?

 

- Очекувам промена на политичките гарнитури кои ги водат општините во Македонија. Во поголем број од општините ќе победат кандидати од опозицијата и тоа ви го тврдам, само ако бидеме ние мудри и номинираме квалитетни и добри луѓе. Оваа власт, со тоа што и го стори на Македонија повеќе нема да и биде простено, ќе ја стигне казната од граѓаните за сиромаштијата и бесперспективност што ја донесоа. Ќе паднат и загубат на изборите и добри, досегашни градоначалници од ВМРО - ДПМНЕ само заради лошото водење на државата од страна на нивната партија. И тоа е штета за некои општини, но ќе биде сигурно така. Најважното прашање е што после изборите?


9. Како го оценувате владеењето на актуелната владата, пред се, во поглед на евроинтеграциите, меѓуетничките односи и демократијата? Македонија извесен период е заглавена пред портите на НАТО и не може да ги стартува преговорите за членство со ЕУ поради нерешениот спорт со Грција, па како да се надмине тој проблем? Верувам ќе се сложите оти стагнацијата кон Брисел негативно влијае и врз меѓуетничките односи, кои се закануваат да ескалираат, како и врз демократијата, чии вредности се загрозени.

 

- Владеењето на оваа Влада, едноставно кажано, би го окарактеризирал како катастрофално за државата. Секој проблем мудрите Влади насекаде во светот го решавале преку дијалог, со разговори. Проблемот кај нас е што нашата Влада не се ни обидува да наметне вистински разговор заради решавање на проблемот кој го имаме со Грција. НАТО и ЕУ за Македонија повеќе не значат само гаранција за безбедноста, целовитоста и стабилноста на државата. НАТО и ЕУ за нашата земја значат подобар живот за сите граѓани, повеќе пари во секое семејство, повеќе спокој, повеќе среќа кај граѓаните. Во последно време луѓето престанаа и да се смеат заради тоа што се потиснати од секојдневни огромни проблеми. Ретко да видите насмевка на лицата на луѓето околу нас. Вистински патриот е оној кој на својот народ ќе му помогне кога му е најтешко, оној кој ќе ги отвори добрите перспективи на својата земја.
Прво морам да потврдам дека не постои политичар во Македонија кој ќе излезе пред Парламентот и ќе побара промена на Уставот на државата заради промена на уставното име на Македонија. Но мудроста во политиката е да се изнајде решение кое целосно ќе го сочува достинството на нашиот народ, а притоа ќе ги постигнеме нашите стратешки цели - членство во НАТО и преговори со ЕУ. Според мене може да се најде решение за име за меѓународна употреба со одредени модификации без да се допре нашето уставно име Република Македонија, нашиот идентитет - Македонци и нашиот уставен јазик - македонскиот јазик. Само оваа Влада тоа не може да го постигне заради нејзиното минато 6 годишно работење и однесување, но искрено мислам дека и да може, оваа Влада тоа не сака да го направи. Ним им одговара да бидеме надвор од меѓународните организации, зошто во спротивно никој нема да ни дозволи да се задолжуваме за споменици и реклами, а притоа економски ни пропаѓа народот, ни се празни државата – заминуваат граѓаните.
Се согласувам со вашата констатација дека ни се влошуваат и меѓуетничките односи и тоа е неопростиво. А за слободата и права на граѓаните, за демократските вредности во општеството - веќе се е кажано, бидејќи цел свет не опоменува за тоа. Голем резил не снајде. Од некои работи тешко и дека ќе се повратиме. Знаете, 20 години и на Албанците во Македонија им беше ветувано дека ќе бидат понапред во секој поглед пред Албанците во Албанија, Косово и регионот. Денес тоа не е така. Како што се многу сиромашни Македонците во Македонија, исто толку се сиромашни и Албанците во оваа наша земја. Секој родител ги бира најдобрите алтернативи што ги има на располагање за своето семејство. Се плашам да не доживееме економски мотиви и причини кај нашите сограѓани со албанска националност да побудат погрешни размислувања и ни се случи тоа од што се плашиме веќе 20 години. Таквите мотиви и причини не се отстрануваат со Рамковен договор.

 
10. Дали актуелната економска политика, чија основна карактеристика е експанзионистичкиот буџет, кој повеќе се троши за плати во државната и преобемната јавна администрација, како и за пензии, отколку за развој и капитални инвестиции, е оддржлива на долг рок? Со форсирање на јавната потрошувачка, а притоа растот е фиксиран на 1-2 отсто, владата буџетскиот дефицит го финансира преку задолжувања. Паралелно со тоа, постојано врши промоција на условите за бизнис преку роуд-шоуа, економски промотори, реклами на светски медиуми, ама тоа не го дава ефектот кој го постигнуваат соседните земји, земено на инвестиции според глава на жител. Факт е дека во време кога целиот западен свет се соочуваше со рецесија банкарскиот систем во земјава ја задржа стабилноста, но толку тие банки не го подржуваат бизнисот. Кои се причините за тоа и како да се надмине таквата состојба?

 

- Оваа влада со максималистичките буџети само повеќе го осиромашува и стопанството и народот, и еве, дојде крајот на таквото осиромашување. Уништени се трајните подлоги на полнењето на државниот буџет. Државата е презадолжена, стопанството е несолвентно и неликвидно, значи пропаѓа, а граѓаните се клекнати на колена од сиромаштија. Тоа ви е сликовито кажано - јагне на „клање”.
Во време на таква криза тоа што со сигурност треба да го стори секоја Влада е целосно рекомпонирање на буџетот. Во Македонија нашата Влада не се откажа ама баш од ништо. Споменици на сите страни, реклами колку што ти душа сака, фрчат милиони евра за се и сешто, само не за помош на својот сопствен народ. Дадовме еден куп препораки до Владата, но воопшто не сакаат ни да разговараат. Ќе продолжиме да даваме добронамерни сугестии и се надевам дека ќе се отрезнат и нешто барем ќе послушаат. Не знам дали му е јасно на премиерот, а би требало да му е јасно, дека ако парите барем 20 отсто од рекламите и 20 отсто од спомениците што ги трошат само ги пуштат кон граѓаните по било кои основи, веднаш тие кутрите ќе си ги платат сметките, ќе си ги платат давачките, веднаш ќе имаме порелаксирана состојба во државата. Преку 70 отсто од тие пари пак се враќаат во буџетот.

Македонија во моментот може да ја извлечат само две работи од економската криза - отрезнување на власта и прифаќање на политиката на релаксиран буџет, откажување од сите непродуктивни трошоци и создавање на амбиент во кои пополека парите ќе се враќаат кај граѓаните и во стопанството. Едноставно кажано - ако буџетот е голем, народот и стопанството се сиромашни. И обратно! Втората работа која што може да ја извлече Македонија од економската бездна е заминување на оваа опиена од власт!

Влатко Стојановски

 

Напиши коментар:

име:
е-маил:

добивајте известувања за коментарите на маил
порака:
/style/images/intervju-title.jpg

Биолошките лекови се иднината за пациентите со најтешки заболувања

http://images.plusinfo.mk/kolumnisti/Tanja slika.JPG Објавено: пред пред 5 часа
Прочитано: 276

Татјана Чекаров, в.д. директор на претставништвото на „Хофман Ла Рош“