- пред 6 часа ВИДЕО Не сакаме екстерно тестирање!
- пред 6 часа Облачно но топло ќе биде утре
- пред 6 часа Струмичката гимназија доби меѓународна...
- пред 7 часа На Канскиот фестивал украден ѓердан...
- пред 7 часа Џенет Џексон стана милијардерка!
- пред 8 часа Прозирно огледало во ноќен клуб во Шкотска
- пред 8 часа Земјотрес во близина на грчкиот остров...
- пред 8 часа ГАЛЕРИЈА Ева Лонгорија дипломира!
- пред 8 часа Беџети: Во 2025 Албанците ќе бидат побројни...
- пред 8 часа ГАЛЕРИЈА Прилеп постигна уште еден...
Се движиме по работ на многу опасна бездна
Есад Рахиќ
- Прочитано: 4586
- 23.04.2012
Останатo од Есад Рахиќ |
Есад Рахиќ беше повеќе години вклучен во контролата што ја има Собранието врз безбедносните служби, како претседател на Комисијата за безбедност и одбрана и на Комисијата за контрола на разузнувачките служби. Со тоа искуство, може да каже доста нешта за она што се случува околу и по петкратното убиство покрај Железарското езеро. Освен тоа, партиски е независен, барем што се однесува со односот кон раководството, бидејќи неговата партија, СДСМ, го исклучи од членството во 2007 година...
По трагичниот настан од 12 април, сметате ли дека постои опасност за дестабилизација на Македонија од пошироки размери?
Прво би кажал дека земјата е дестабилизирана веќе подолго време. Од она што можам да го видам како граѓанин, но и како човек кој низ годините имал можност да се запознае со таа област и е релативно добро упатен во неа, можам да констатирам дека девастирањето на безбедоносниот систем продолжува. Комплетната партизација на Министерството за внатрешни работи, разузнувачките агенции, па дури и на воeното разузнување е на дело, пред очите на сите нас. Ако имате структура која со години прави „ршум“ низ системот, присвојувајќи го максимално, секако дека таа држава е неотпорна на дестабилизација. Кога на тоа ќе се додадат неодговорната економска политика, за што зборува ребаланс на буџетот по само три месеци, перманентното уништување на образовниот и на здравствениот систем, проблематичното судство и партизираната администрација, вистинското прашање е: што функционира во оваа држава? Затоа, го делам стравот на повеќето граѓани дека опасност постои, бидејќи има се’ повеќе моменти кои наликуваат на déjà vu ситуација, односно нешто што веќе сме го виделе. Се движиме по работ на опасна провалија. Дај Боже да грешам. Ќе биде многу важно безбедносните органи да го решат случајот што побргу и да ја стават состојбата под контрола.
Дека е убиството изведено според сценарио е сосема јасно, штом се извршителите професионалци. Зошто баш сега? Кој е мотивот?
Ако перманентно се наоѓаме во криза и никако не успеваме да ги стабилизираме меѓуетничките односи, секој момент е погоден за вакво нешто. Не би сакал да шпекулирам, особено бидејќи станува збор за огромна трагедија, но начинот на изведбата укажува дека нарачателот е надвор од Македонија.
Но, се спомнува како можен мотив и дефокусирање на јавноста од нешто друго, односно од некои акции што ги презеде полицијата во последно време, како што е „Детонатор“. Верувате во тоа?
Тоа е опасна теза. Детонатор е тежок криминал, но е детска игра во однос во оваа трагедија. Јас се згрозувам од кукавичкиот чин во кој згаснаа пет животи, и апсолутно го сметам за пукање во сите граѓани на Македонија, во соживотот, во иднината на оваа земја, и за нешто што се граничи со лудило. На оние од внатре кои помогнале да се случи трагедијата, макар и со непревземањето на соодветни мерки, кога тогаш ќе мора да одговараат. Ако жртвувале млади луѓе и ја довеле во опасност стабилноста на целата земја, еден ден и самите ќе ја платат цената. Кој си игра со оган, неминовно ќе се изгори. Важно е во меѓувреме да не дозволиме тој оган да се прошири онаму каде што не смее. Инаку, според моите информации, пред два месеца им е јавено на службите дека се подготвува „некаков инцидент“. Дали е намерно игнорирано или е пропуштено од незнаење - не знам, но одговорноста не може да се избегне.
Во последниве два-три дена често се споменува и таканаречената „српска кујна“. Заинтересираноста на тамошните медиуми е разбирлива, но е симптоматично што тие излегуваат со доста „инсајдерски“ информации, а министерот за надворешни работи Вук Јеремиќ изјави дека Македонија е пред етнички судир, базирано врз сознанијата на нивните тајни служби.
Во светот има повеќе такви „кујни“ со луѓе чија работна обврска е да „готват нешто“. Би било неодговорно од мене да изнесувам било какви тврдења во таа насока, особено во вака специфични околности и затоа ќе се воздржам од конкретен коментар. На Балканот веќе две и пол децении се случуваат „чудни работи“, па често во секоја грмушка гледаме заседа од некого. Јас не го прифаќам тоа размислување, не зашто сигурно не е точно, туку зашто односите во таа област не се така едноставни. Тајните служби функционираат испреплетено, соработуваат во комбинации за кои обичниот човек никогаш не би помислил, па често акциите во одредена точка може да бидат координирани на некое многу далечно место. Тука владее принципот на глобална игра. Многу нешта се поврзани - од борбата за моќ на локално ниво, преку поделбата на пленот од лукративните зделки, бизниси и шверцови, до американските претседателски избори, кои ни се ближат наскоро. Можеби САД сакаат Македонија да влезе во НАТО што поскоро, а некој не сака, па му испраќаат порака. Многу варијанти се можни, и не верувам дека само една од соседните служба, на своја рака, направила вакво злосторство. Она што јас би го поставил како прашање е, што работеа нашите служби. Потрошени се 250 милиони евра за набавка на софистицирана опрема за следење. Каде е таа? Во која фукнција? За да се прислушкува Љубе Бошкоски? За да се следат политичките противници? За да се уценува независната бизнис-елита? Не смее да биде тоа. Работата на службите е токму да превенираат вакви случаи, како тој со петте жртви.
Кога се зборува за тајните служби, останува за јавноста голема дилема колкава е нивната реална моќ. Дали, како што понекогаш имплицираат некои аналитичари, тие фактички ги водат државите, а не легално избраните политичари?
Многу се моќни. Можеби не како во почетокот на 90-тите, но се уште се способни да ги влечат конците, од кои зависи во која насока ќе се движат одредени земји. Видете, не треба да се создава негативен однос спрема тој дел од државниот апарат, како некоја опасна структура, која е надвор од контрола. Тајните служби се исклучително сериозни институции, создадени од државата за да го штитат мирот и безбедноста на граѓаните. Проблемот настанува кога имате лоши политички елити, клептократи, кои мислат дека државата постои заради нив, и тогаш се случува службите да се одметнат. Ја спомнавте акцијата „Детонатор“. Како може повеќе од 1.000 автомати за игри на среќа да влезат незабележано во државата? А, убеден сум дека вистинската бројка е двојно поголема. Тоа се десетици шлепери. Не можеле да поминат без некој да ги пропушти намерно, и тоа координирано од повеќе служби. Тоа се случува зашто врвот на МВР не се занимава со полициски работи, туку со бизнис. Тука доаѓаме до вториот момент - апсолутната партизација на полицијата. Каква е таа државна служба, кога нејзин шеф е член на претседателство на некоја политичка партија? Во таква ситуација имате реален проблем, а тоа кај нас се случува со години. Не само во оваа власт. Трето, началник на една од управите на УБК е момче од 24 години. Со своето прво вработување во животот доаѓа на стравично моќна позиција. Тука се работите многу изместени. Затоа јас сметам дека нам состојбата нема да ни ја подобрат реконструкција и реформирање на тој систем на безбедност, туку изградба на сосема нов, кој ќе биде во функција на државата, а не на одредена политичка партија и поединци.
Каква е, генерално, кадровската структура на тие органи?
Таква што и плаши, и влева доверба. Како што реков, партизацијата е застрашувачка. Имате луѓе кои биле во затвор заради класичен криминал, а денес ќе ви покажат значка како припадници на службите. Таа работа почна во 1997-98, но во тоа време беше маргинална појава. Денес е доведена до ниво на редовна практика. Под плаштот на „подмладување“, направена е голема чистка на професионалците. Но сепак, се уште ги има, и благодарение на нивната способност и знаење, верувам дека ќе се наметнат над оние што сега ги узурпираа позициите. Тоа го мислам бидејќи и на овие вторите, кога ќе дојде кризен момент им треба некој што си ја знае работата. Во мирни денови секој може да биде експерт за полициски работи, ама кога ќе се случи нешто лошо, јавноста бара решение. Ваква трагедија не може да се заташка, ниту да се заборави. Јавноста ќе инсистира на одговор и тоа точен.
Значи сепак, има простор за оптимизам?
Сакам да верувам во тоа. Ако ги анализирате случувањата во сите овие 20 години, ќе дојдете до заклучок дека некој моќен на глобално ниво, сака да постои држава Република Македонија. Не е важно кои му се мотивите и интересите, важно тој е на наша страна за клучното прашање. Затоа верувам дека ќе ни се случи ситуација како во стариот виц: се тепале партизани и Германци во шума, а тогаш дошол шумарот и ги избркал и едните и другите. Очекувам дека не е далеку денот кога нашиот „шумар“ ќе рече, доста беше, и ќе ги „измете“ проблематичните момци, за да отвори простор за нормални луѓе. Секако, пожелно е и ние да му помогнеме, односно да си помогнеме себеси. Фигурите на сегашната шаховска табла треба да се променат, за да не бидеме вечно пиони, кои никогаш не се претвораат во кралица, туку напротив. Мислам дека до крајот на оваа година и почетокот на следната, конечно ќе завршиме со таа несреќна транзиција, која премногу се оддолжи. На македонските квази-политички елити тоа не им одговара, но состојбата се ближи до точка кога ќе мора да се прекрши: или ќе тргнеме во правецот на нормална и средена држава, или ќе паднеме во амбисот што се случи пред две децении во поранешна Југославија. Сепак, повеќе верувам во остварување на добрата опција.
Преземено од www.intervjua.com.mk
Напиши коментар:
|
име:
|
|
|
е-маил:
добивајте известувања за коментарите на маил
|
|
|
порака:
|
|
Најчитани вести од последните 24 часа
Најкоментирани вести од последните 2 недели

Биолошките лекови се иднината за пациентите со најтешки заболувања
Прочитано: 848

