- пред 3 часа Во Западна Европа зима наместо пролет
- пред 3 часа По 16 години во инвалидска количка Миле...
- пред 3 часа Педагогот на ОУ „Јоаким Крчовски“...
- пред 3 часа Бијонсе ги изнајмува фустаните
- пред 3 часа Споменот на Свети Кирил и Методиј...
- пред 4 часа Стевчо Јакимовски најави нова партија
- пред 4 часа Живко Будимир излегува од притвор
- пред 4 часа Тоалет од 100 километри на час
- пред 4 часа ВИДЕО Манчестер Сити со пресврт го победи...
- пред 4 часа Најдени загубените Холанѓани на Пелистер
По злосторството ништо не е исто!
Ивор Мицковски
- Прочитано: 10247
- 17.04.2012
Останатo од Ивор Мицковски |
Петкратното злосторничко убиство кај Смиљковци е можеби најголемиот и најтешкиот удар што оваа држава го има доживеано. Загубата на овие животи, во најголем дел млади, предизвикува неопислива болка, болка со која нема помирување. Во Македонија е извршено злосторство врз младоста, убиена е невиноста. Ова злосторство е монструозно и е лудо - лудо е според методот, лудо е од аспект на жртвите, лудо е и според извршителите. И настрана што сме соочени со едно грозоморно убиство, она што дополнително не загрижува е што не го знаеме извршителот. Тоа што сега треба да го направиме, тоа што треба да го направи власта, е тој или тие да се пронајдат и да се казнат.
Ова е момент кога од сите се бара зрелост и конструктивност. Ова е момент кога институциите треба да се остават да работат. Денес гледаме дека и најголемите хушкачи и потпалувачи повикуваат на разум. Владините мегафони, промптно брифирани, се обидоа да звучат како нормални луѓе и повикаа на смирување на страстите. Кое лицемерие и која плиткост! Значи, знаеле како треба, но требаше само државата да дојде до работ на пропаста за да се преправаат дека се нормални.
Но, ако сакаме, ако е апсолутен приоритет за оваа држава да се расветли ова злосторство, ако од секоја институција и од секој поединец се бара и се претпоставува одговорност и конструктивност, тогаш е редно да ги отвориме картите и да си ги признаеме слабостите со кои веќе подолго време живееме.
Јас знам нешто, што верувам дека секој искрен Македонец го знае и го чувствува. Не знам кој е извршителот на ова злосторство, не знам кој ги уби нашите деца, а најмалку во што сакам да верувам е дека ова е последица на погрешни политики од претходно. Јас немам докази, но знам што се случува во мојата земја, знам што се зборува и што се премолчува. Знам дека ако ги земеме сите неорганизирани и расфрлани парчиња од нашиот диригиран политички живот, дека човек може да изведе здрава логика и онаму каде владее хаосот, арбитрарноста, лудилото и мистеријата. И покрај добронамерните желби, искрената загриженост, жалоста за изгубените животи, ние нема да постигнеме ништо, нема да решиме ништо, ако не си ги признаеме, ако не ги отвораме и ако не ги решаваме системските грешки на македонското општество и политика.
Треба да бидеме одговорни и конструктивни, но треба да бидеме и искрени и храбри, за да кажеме дека вака Македонија повеќе не може да продолжи. Не може да се продолжи со истата клима на општа незаинтересираност пред политичката неодговорност, пред руинирањето на институциите и безбедноста, пред рушењето на една функционална и здрава демократија. Не може само да ја чекаме следната, поголемата трагедија, како повод за нешто суштински да се смени.
Ова повеќе не е ситуација со која власта може да си игра борба против криминалот. Затоа што ова е повеќе од криминал. Ова е момент кога е потребна сплотеност, но како да се стигне до нејзе кога во најтешките моменти Македонија се наоѓа себеси поделена и запуштена, по години и години на конфронтации околу погрешни теми и дилеми? Државата е повикана да реши едно грозоморно злосторство, а притоа открива дека е држава која предолго имаше и се уште има проблем со детектирање на приоритетите, со признавање на проблемите.
Дури и во сферата на борбата против криминалот власта не покажа дека знае кои се приоритетите. Борбата против криминалот се сведе на партиска инструментализација на една идеологија според која во државата постои дежурен виновник за сите проблеми. Тој виновник за власта беше и верувам се уште е опозицијата. Тоа е еден вид на бесмислена, изнасилена хипотеза која за власта мораше по секоја цена да се докажува.
Оваа власт имаше и се уште има погрешно политичко позиционирање во однос на приоритетите во државата. Огромен проблем е што денес институциите се тие кои треба да го понесат товарот. Но, како ќе го направат тоа? Јас сакам тоа да се случи, но тоа ќе биде исклучително тешко. Ќе биде тешко затоа што институциите се девастирани или се дерогирани или, со еден збор, се партизирани. Полицијата и судството се обременети со апсења и со затворања на ситни криминалци или на политички неистомисленици. Безбедносните служби своите ресурси ги имаат насочено во најголем дел кон личности од опозицијата, кон невладините, кон критичарите на власта. И сега, од истите оние институции кои треба да не штитат, да се грижат за безбедноста, а не го прават тоа, се бара да го работат она што со години не им беше дозволено. Сега прашање е дали воопшто на тие срозени институции нешто им останало во сеќавање?
Власта денес е во двоен шок! Таа е должна да расветли што ни се случува, но за да го направи тоа, таа мора да работи против самата себеси. Мора да работи против сите лоши пракси и злоупотреби од кои создаваше теснопартиски систем. Мора самата да работи против климата на постојани конфронтации и поделби, барањето виновници, глумењето жртви. Сега кога имаме вистински жртви, државата се наоѓа себеси без одговор, ранета и збунета.
Македонија по ова не смее повеќе да заличи на Македонија пред масакрот кај Смиљковци. По ова, не може да се спроведуваат смешни акции од типот на „Детонатор“, „Инкасатор“, „Змиско око“..., власта повеќе не може повеќе да се вози и да не вози сите нас.
Ако сакаат да водат држава, ова е моментот конечно да созреат. А, ако созреат, во што јас лично не верувам, тогаш оваа држава полесно ќе стигне и до другите приоритети, што денес ни се толку далечни или ни се замаглени.
Во тој случај, конечно, ќе разбереме што значи во една држава да престанат бесмислените конфронтации и поделби. Тоа значи да се напушти популизмот и злоупотребата. Тоа значи системот да се врати во нормалност, да се гради демократија каде институциите си ја вршат работата, наместо само да и служат на една партија и на една идеологија.
Една сериозна држава во вакви моменти знае да се сплоти, но не може да се сплоти врз лажни принципи и врз лажни политики. На сите нам ни е потребна нормалност, потребна ни е одговорна власт. Оваа власт се плаши да стане нормална, да стане одговорна, затоа што знае дека на тој начин ќе го изгуби тлото под нозете, ќе ја изгуби својата моќ која се темели врз деструкција и хаос.
Ивор Мицковски
Напиши коментар:
|
име:
|
|
|
е-маил:
добивајте известувања за коментарите на маил
|
|
|
порака:
|
|
Најчитани вести од последните 24 часа
Најкоментирани вести од последните 2 недели

Биолошките лекови се иднината за пациентите со најтешки заболувања
Прочитано: 986

