Последна промена пред 15 минути | Среда 19 Јуни 2013 | 134 3
http://images.plusinfo.mk/kolumnisti/miroslava simonovska.JPG

Тастатура – револуционери

  • Мирослава Симоновска

  • Прочитано: 10735
  • 15.04.2012
Сподели со твоите пријатели!

Свирепо згаснаа животите на петмина наши сограѓани. Нечии соседи, соученици, синови, внуци. Осомничени нема, како што нема ниту било каков обелоденет податок за профилот на сторителите, иако тој на полицијата и е познат.

 

Три дена подоцна Скопје го парализира само еден разговор во чија сенка дури и тешко се прославува еден од најголемите христијански празници Велигден. Во Радишани е расплакано и траорно. Разговорот за одмаздата, осветата и прејудицирањето со етничката припадност на злосторниците се повеќе продира од нечии мозоци во пикселите.

 

Удобно легнати во топлите фотељи, папочно поврзани со својот монитор, „тастатура – револуционерите“ истураат отровни стрели кон Албанците без никакви материјални докази. За жал, сето тоа премиерот Никола Груевски го гледаше три дена во молк, се до денеска кога изрази сочувство до семејствата, но не даде никакви насоки за спречување на ескалација на тензиите.

 

Министерството за внатрешни работи иако посветено мобилизирало се што има ознака полиција, сепак не влева оптимизам дека има сознанија која е позадината и сторителите. А токму тој податок ќе ги смири страстите, тензиите и шпекулациите, за кои околните медиуми лешинарски известуваат нарекувајќи го „чекор до граѓанска војна“.

 

Неверојатно е како, неколку неидентификувани лица, чија видео - изјава дека се работи за Албанци, непоткрепена со никакви докази ниту факти, на нозе ја крена цела некритичка јавност, претворајќи ја во маса за која Сигмунд Фројд одлично ја има склопено психолошката анализа:

„Луѓето во маса се однесуваат поинаку од луѓето кои индивидуално размислуваат. Поединците стануваат помалку свесни за последиците од своите дела кога се во маса. Имитираат, сугестибилни се и емоцијата на другиот лесно се пренесува врз поединецот со што таа емоција се засилува“.

 

Да биде пострашно, нашите „тастатура – револуционери“ си земаат за право да користат една крајно манипулативна алатка креирана во диктаторските режими: Имено, тие зборуваат од името на целиот македонски народ! Ја користат конструкцијата „македонскиот народ вака...“, „македонскиот народ онака...“. Небаре нам ни требаат портпароли за да го изразиме сопствениот став.

 

Тие „тастатура – револуционери“ ги стопија копчињата штракајќи на нив шпекулации, обвинувајќи ги медиумите за сокривање на вистината затоа што овој пат медиумите решија да го положат тестот на професионалноста без да изнесуваат непроверени податоци. Тие „тастатура – револуционери“ во името на целата македонска јавност повикуваат на насилство, на линч на меѓуетничка база и на немири. При тоа немаат никакви факти, никакви докази, туку само ја манифестираат некритичноста на својот ум и си ги газат дипломите, магистратурите и докторатите.

 

Еден „тастатура револуционер“ е „спремен да гине за својата Македонија“, но спремноста му ја снемува кога ќе го зезне конекцијата и кога ќе му снема интернет како „муниција“. Тој само потпалува, а ги обвинува останатите зашто не можат да постигнат да ги изгаснат неговите жарчиња.

 

Тој одбива да сфати дека тормозењето што секојдневно овде го прават ѕверови, рекетари, убијци, насилници – не познава етничка припадност. Дека дури и да се докаже дека сторителите се Албанци, тоа нема никогаш да им ги врати на семејствата загубените луѓе, со кои биле роднини, пријатели, браќа, сестри, братучеди, соседи... Злосторниците треба најстрого да се казнат. Не со 14 години како Спасов, зашто веќе е дегутантно да гледаме како перењето пари е пострашен криминал од одземањето животи. Треба со доживотен затвор! И да се Македонци, и да се Албанци, и да се Банту црнци, ако убиле некого тие се ѕверови и криминалци. Точка. Случајот мора да се гледа како чин на криминал, се додека не се докаже спротивното.

 

Секое останато индивидуално, политичко или партиско толкување, кое наведува на насилство, ќе ни нанесе само зло и рушење на кулата од карти што досега ја градевме. Македонија има важни сегменти за поправање меѓу кои секако е и криминалот, но тоа не може да се реши ако при секое убиство веднаш се пуштаат отровни меѓуетнички стрели. Потребна е институционална одговорност на која ние во моментов не можеме целосно да сметаме. МВР да побрза, да ги открие сторителите и да ги смири граѓаните. Да можат на раат да прошетаат на улица.

Мирослава Симоновска  

 

Напиши коментар:

име:
е-маил:

добивајте известувања за коментарите на маил
порака:
/style/images/intervju-title.jpg

Го избркаа Христа со вулгарностите и вандализмот

http://images.plusinfo.mk/kolumnisti/Pimen.jpg Објавено: пред 13.06.2013 11:45
Прочитано: 5779

Пимен, Митрополит Европски