- пред 6 минути Видео: Како да танцувате на „Get lucky“
- пред 16 минути „Smoke Shakers“ со два нови сингла
- пред 21 минути Косовскиот офицер за врска во Белград...
- пред 25 минути После расправиите седницата во Центар...
- пред 34 минути Почина претседателот на ФИБА Европа
- пред 47 минути Демонстрантите бараат оставка на Орешарски
- пред 51 минути ДУП-овите на Центар и утринава заробени во...
- пред 1 час ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски да не се фали со...
- пред 1 час Кошаркарите изборија полуфинале на...
- пред 1 час Масло за сончање по рецептот на нашите баби
Останатo од Ивор Мицковски |
Кога некој од страна би ги погледнал последните случувања во Македонија, внатрешните пресметки помеѓу луѓето од власта или кога би видел до кој степен луѓе од власта се инволвирани во организиран криминал, убеден сум дека тој би ни рекол дека е сведок на клановски борби помеѓу различни членови на владината фамилија, односно мафијата. Како поинаку да се дефинира оваа власт, која не е во некаков повремен однос со организираниот криминал, затоа што кај нас, токму власта е единствената мафија. Мафија која научи да просперира под лажнотo сонце на македонската демократијата, да расте во сенката на режимизицијата на земјата.
Последните акции на локално ниво, од типот на „Детонатор“, бркањето на Каширски или судирот со битолските моќници и кабадахии, се параван за внатрешно партиските борби во ВМРО-ДПМНЕ, а сознанијата за димензиите на криминалот на локално ниво, се само рефлексија на општиот криминал и самоволие кој владее на национално ниво.
Како и кај мафијата, потребно беше да дојде до некој внатрешен судир во власта, за да се открие што точно се случува на терен. И не е случајно што ова се открива на локално ниво, затоа што оваа власт, впрочем како и мафијата, сака територија, сака локални моќници кои би го рекетирале народот и економијата, кои би заплашувале, а за тоа мора да има насилни методи и сопствена војска. Гледате, на власта не и доволно што е власт, не и се доволни буџетот и нашите пари кои безмилосно ги троши, не и е доволна полицијата која постојано ја злоупотребува. Една апсолутна власт не се задоволува со институции, со легална моќ, таа сака да го контролира и криминалот, да биде криминалот, да биде мафија.
Како поинаку да го окарактеризираме однесувањето на една власт за која постојат обвинувања дека плаќала партиски реклами со буџетски пари. Зарем не е државна мафија власта која на своето партиско конто има дупка од речиси 3 и пол милиони евра за предизборната кампања? И сега ни се поставува прашањето, покрај правењето списоци, покрај купувањето гласови, покрај телефонските закани и притисоци, какви се други насилни методи употребувала ВМРО-ДПМНЕ за време на изборите благодарение на своите криминални екипи?
Или, можеби, нема ништо мафиозно во тоа првиот братучед на премиерот да биде шеф на тајната служба? Како да се објасни фактот што кумот на премиерот е министер за финансии? Зар не е мафиозно мајката на премиерот да има 6 стана? Да, за мафијашите само мајката е светост...
Нели е мафија најблиското обезбедување на премиерот да држи секакви бизниси, од обложувалници, кафеани и кафулиња, теретани, дискотеки, хортикултурни бизниси или, пак, обезбедувач на фамилијата да прегази пешак и да не одлежи ниту еден ден затвор?
Или, како би ја нарекле ситуацијата кога високи функционери на МВР седат на иста маса со докажани дилери на дрога како во случајот „Биг фиш“?
Во која друга земја сте слушнале сопругот на пратеничка од власта да биде уапсен за тежок криминал и рекетарство, а пратеничката да се прави како да е падната од Марс и да ја поздравува и да ја фали акцијата на полицијата. Тука имам и едно прашање за Елизабета Кузмановска која вели дека не била запознаена со криминалното поведение на својот сопруг. Дали Кузмановска некогаш во својот послушнички живот се возела во автомобилот на својот сопруг вреден преку 30 илјади евра и дали воопшто некогаш се запрашала од каде дошле тие пари за толку скап автомобил?
Примери за ваквото лудило и за криминалот има бескрај, како што повеќе во Македонија нема ниту бизнис, нема работа, не постои институција, не постои суд, не постои продавничка која не е сопственост на некој од фамилијата или не постои место кое фамилијата во континуитет не го рекетира.
Последните случаи на локално ниво само уште еднаш ни потврдија дека ние од оваа власт сме двојно ограбени, двојно заробени. Еден дел од парите, паметот и слободата ни ги земаат како режимска власт и како тоталитарна држава, а она малку друго што ќе остане, ни го земаат како мафија преку државно организиран криминал и насилие. Така е тоа во една држава каде одамна е изгубена границата што е власт, а што организиран криминал. Односно, тоа е држава во која победува мафијата, затоа што институциите на системот се девастирани, односно партизирани., затоа што секое право се дерогира, затоа што владее силата и изнудата.
Тогаш, самата власт, односно мафијата, арбитрарно одлучува кој од нејзините е криминалец, а кој не, кој ќе биде жртвено јагне, а кој ќе продолжи да работи за фамилијата. Само не треба да се лажеме дека тие одлуки се носат со лесно срце. Тие доаѓаат само кога некој од фамилијата претерал, станал премоќен, загрозил поголеми мафијаши. Во спротивно, Владата само ќе продолжеше со практиката за мафијаши да ги обвинува сите други, освен оние кои навистина се тоа.
Таков е законот на мафијата, таков е системот во државата мафија. Нормално, апсењето на своите, односно довчерашните насилници од сопствените редови, што поради внатрешни пресметки, што поради борба на кланови и борба за територија и пари, потоа секогаш служи како алиби за неселективна борба против криминалот и корупцијата. Но, зарем некој повеќе верува во тоа?
Постои и друг аспект во овие локални чистки во фамилијата. Власта секојдневно, со години, продава приказни преку скапи реклами дека е различна, дека е посебна, дека со неа се почнува. Како и за многу други работи, така и деновиве повторно бевме потсетени според што се различни. Но, мајсторите на перцепција и манипулација мислат дека преку глумењето постојана борба со криминалот вечно ќе можат да ја дефокусираат јавноста. Затоа и таа потреба од спектакуларност, од масовни полициски акции е толку забележлива и евидетна. Но, ниту еден аргумент не е на нивна страна затоа што не можат да објаснат зошто локалните мафиози мораа толку да нараснат, криминалот и теророт да стане толку голем за полицијата со задоцнување од неколку години да реагира.
И сега некој може да се запраша - зошто ВМРО-ДПМНЕ би се занимавала со чистки на своите луѓе и со мангупите од сопствените редови, со поситни и со покрупни риби, зошто да менува нешто што на терен им давало резултати? Прво, затоа што за нив не е никаков проблем што било и кого било да сменат, бидејќи криминалната мрежа на мафијата е поставена, таа функционира на теренот, па затоа е лесно да се менуваат актерите. Криминалот и насилието на ВМРО е системско, тоа е лицето на овој режим и на нивната апсолутна моќ.
Второ, овие чистки се прават затоа што преочигледна станува клановската поделба и судирот во фамилијата. Како и кај секоја мафија, кога двајца или тројца актери ќе станат премногу моќни, премногу ќе знаат, премногу ќе имаат, тогаш престрелката може да почне. И први на список секогаш се ситните риби, како што беше судирот во Скопје меѓу полицијата и обезбедувачите. Односно, први на список се секогаш извршителите на насилните политики. Потоа следуваат и некои покрупни риби, како што произлегува од „Детонатор“, оние кои треба да ги контролираат или оддржуваат во форма насилниците, за на крај да се фатат за гуша и најголемите играчи.
Трето, сево ова се случува сега и затоа што следуваат локални избори, па за власт која постојано глуми некаква борба со криминалот, оваа чистка е одлично алиби или добра можност за манипулирање со јавноста. Власта не само што ќе најде покритие за своите внатрешни конфликти, туку и во пресрет на локалните избори ќе се преправа дека ги исчистила или ги ослободила градовите, дека водела неселективна борба против криминалот. Уште една работа е што ваквите акции, власта сигурно ќе ги искористи за измислување на некој нов криминал кај луѓето од опозицијата, односно, на овој начин си создава простор во јавноста без многу галама да удри некој опозиционер или критичар.
Но, постојат неколку работи кои опасно не им одат во прилог на ВМРО. Тоа е дека и овој пат, како и за многу други работи, се повеќе кај народот се таложи незадоволството, се повеќе расте свеста и перцепцијата за мафиозното однесување на власта и на нејзините луѓе. Друга работа, ВМРО од сево ова дава сигнали на опасен раздор, нешто што допрва ќе ескалира. И трето, потребата од вакви јавни и спектакуларни акции, покажува колку власта забегала во криминалот, дека на внатрешен план веќе им се случува целосна девастација, дека крадењето и самоволието повеќе не можат да го контролираат ниту големите мафиози.
Но, можеби најголемата работа и проблем за ВМРО е што помеѓу внатрешните чистки и забеганоста во криминалот, поради клановските борби, мораат да тргаат или да расчистуваат и со луѓе кои имаат големо влијание на терен, кои можеби не се доволно моќни да и се спротивстават директно на фамилијата, но можат да и нанесат голема штета во иднина.
И знаете ли што е најстрашното кај оваа власт која наместо да владее знае само да командува, а командува за да краде? Таа може да апси и да помилува колку сака, да глуми борби против криминалот и корупцијата, но никогаш ништо суштинско не може да смени, затоа што не може самата себеси да се уапси. И тоа е најболното, што со нив ништо никогаш нема да се смени, што и лошото станува полошо.
Погледнете која мизерија е оваа власт, кои се овие кукавици од луѓе. Оние кои му ветуваа на народот дека ќе му го исправат р’бетот, дека ќе го направеле горд и напреден, ќе го збогателе и ќе го заштителе, е токму тие создале и одржуваат систем за молзење, за заплашување и за рекетирање на најсиромашните граѓани во најсиромашните делови од Македонија. Не им се доволни големите пари, не им е доволна цела Македонија, сакаат и од најсиромашниот да профитираат. Не им било доволно што луѓето веќе гласале за нив, сакале да им покажат дека луѓето мора да им се плашат, да знаат дека ги имаат во дланка. И на сето тоа, без трошка срам и во очи го лажат народот дека апселе криминалци, дека и овој пат го бранеле и спасувале.
Но знам и уште едно нешто, најголемиот дел од луѓето во оваа земја немаат потпишано за ова да им се случува. Јас сум убеден дека мнозинството од луѓето сакаат да се ослободат од ова лудило, од оваа бездушност, од лажните митови. Исто како што верувам дека не е во интерес на луѓето, политичкото претставништво да го остават во рацете на луѓе кои ја извртуваат историјата, културата, па и самата политика. Луѓето имаат многу интереси, и некој тие интереси мора да ги застапува и политички и симболички. Но, никој не може да ме убеди дека Македонецот мора по секоја цена тие интереси да ги бара во национализмот, во виктимизацијата, во потрагата по непријатели, во живеењето во држава мафија.
Ивор Мицковски
Напиши коментар:
|
име:
|
|
|
е-маил:
добивајте известувања за коментарите на маил
|
|
|
порака:
|
|
Најчитани вести од последните 24 часа
Најкоментирани вести од последните 2 недели




Објавено: 23.05.2013 10:59
ЗАГРИЖЕН!!!:
авторот секако е во право за оваа колумна ама ајде нека има доблест бидејки е голем ДЕМОКРАТ па нека каже како беше во врмето на неговата партија СДСМ .. би сакал една колумна и за тоа време кој се апсеше,како се апсеше итн итн.