- пред 2 минути Македонката Ирена Петковиќ во Брисел...
- пред 23 минути Ким Јонг Ун им ја делел „Мајн кампф“ на...
- пред 45 минути Роботски танц кој ќе ве воодушеви
- пред 49 минути Во Аеродром гореше возило
- пред 1 час Жерновски на гости кај Ахмети во Мала...
- пред 1 час Убиени 9 нигериски ученици за време на...
- пред 1 час Проверете колку години навистина имате: 33...
- пред 1 час ФОТО Ретко гледаме вакви приватни...
- пред 1 час Бразил вечерва против Мексико во Купот на...
- пред 2 часа Огромното албанско знаме утре ќе биде...
Останатo од Никола Наумовски |
Ги немам ресурсите за да истражам подобро, но убаво се сеќавам на фотографија од (веројатно) најстариот протест за мир во Македонија. На скопскиот плоштад голема толпа луѓе, а на еден транспарент, од оние со долго бело тесно платно закачено меѓу две даски за подигање, со црни букви пишува „Виетнам на Виетнамците“. Македонија уште во 60-тите години на минатиот век не само што била дел од клучните меѓународни збиднувања, туку и граѓаните и нивните здруженија заземале страна. Онаа праведната.
Македонските антивоени собири не ја пропуштија ниту југословенската војна, ниту косовската, ниту авганистанската, ниту ирачката. Ја немав приликата да протестирам заедно со „приговор на совеста“ кога ја оспоруваа последната, но знаев дека ако отидев таму ќе ја имав приликата да кажам дека Буш ја водеше таа војна со тајна корупциска агенда.
Кога целиот свет протестираше против американската инвазија врз Ирак, случајно се затеков во Вашингтон и заглавив на улиците на Џорџтаун заради еден таков собир. Не бев свесен за американската култура на политички активизам па бев восхитен од креативноста на пораките, транспарентите, маските што луѓето ги носеа кога протестираа. Немаше неутрални, одмерени и многузначни пораки. Немаше внимателност да не се предизвика конфликт со некого. Властите можат да тепаат, но граѓаните може да вреѓаат. Антивоени активисти, зелени активисти, феминистки, воени ветерани, разни протестантски цркви од сите делови на земјата маршираат во групи и носат свои пораки против војната во Ирак. Едни носат транспарент „the only Bush I trust is mine“ (погодувате кои) за да кажат дека не веруваат во лажните тврдења за оружје за масовно уништување на американската администрација, мајките носат транспарент „No Blood for Oil“, „Војната на Богатите, Крвта на Сиромашните“, трети велат „Drop Bush, Not Bombs“ , „Buck Fush!“, а некоја од црквите носи преработен американски слоган „Who Would Jesus Bomb?“ како алузија на „What Would Jesus Do?“. Сите, сите, сите, пораки се упатени со прст кон еден човек и неговата администрација. Со право или не – сеедно. Никој од нив не се воздржува да каже дека војната е предизвикана од крвници и дека тие луѓе треба да се посочени со име и презиме, ако не и со навреда.
Знам дека е наивно да се споредува било чиј активизам со оној што го имаме ние. Ја немаме културата на артикулирана политичка мисла, искажана од политички определени и диференцирани организации и граѓани, но она што се случи минатата сабота во Скопје беше лет во место. Илјадници луѓе се собраа и маршираа за мир без притоа да кажат име, феномен, организација, група која стои како нивен противник. Тие луѓе ја препознаа опасноста од војна, но водството не сакаше да ја препознае вината за предвоената состојба во Македонија.
И зошто не го направивме тоа минатата сабота? Не можеме да ги пронајдеме чинителите во затегнатите меѓуетнички односи? Или некој не покани на протест каде нема да смееме да покажуваме со прсти, да обвинуваме и да повикуваме на акција? Како да не се сеќаваме дека некој им кажуваше на немакедонците дека не смеат да се мешаат во државни работи? Гасните комори, клетите шиптари, меѓуетничките тепачки после кои навивачките групи добиваа признанија на заслужни граѓани, испадите на водител на национална телевизија што алудираше дека само мртов Албанец е добар Албанец, оркестрираната тепачка на калето каде денешни политичари и полициски функционери гасеа и палеа... И тоа се само провокациите од македонската страна! Не ги пратам албанските медиуми и содржини по социјалните медиуми, но сигурен сум дека ни таму не се ништо подобри. И сепак, ние не можеме да издвоиме ниту едно име на националист, фашист, воен профитер, или едноставно кажано лудак кој сакаме да го обвиниме дека сака да предизвика војна? Немаме ниту една организација на ум за таа работа? Заканата од војна не знаеме од каде дошла, битно не ја сакаме и и викаме „чибу“!
Се правиме слепи при здрави очи. Знаеме кој ги јакнеше стереотипите, стравовите и обвинувањата против цели народи. Не би можеле да заборавиме, не потсетија на само 6 дена пред маршот. И ние сепак немавме став. Еден од поттикнувачите на насилство против различните во општеството беше и организатор на маршот. Се појави со претставници на верската заедница што го организираше тепањето на протестантите пред 3 години на скопскиот плоштад. Настанот го промовираше во емисијата на самиот „организатор“ на спонтаното тепање кој на верска и шовинистичка основа скриено повика на насилство против „збирштината геј и атеисти“.
Сега се прашувам дали ова ќе беше нормално некаде на друго место? Дали ако Роналд Реган ги предводеше протестите против виетнамската војна некој ќе се појавеше да протестира? Дали ако Раш Лимбоу мавташе со знамето на мирот во 2003, барајќи генерална осуда на војната во Ирак, притоа исклучувајќи го Буш како чинител, некој ќе се појавеше да протестира и ќе се воздржеше од „испади“? Дали ако Цеца одржеше анти-воен собир во 90-тите во Белград, додека Аркан колеше и ограбуваше недолжни луѓе, некој ќе го наречеше тоа „марш за мир“?
На маршот во Скопје немаше никакви осуди за конкретни личности, практики или политики. Немаше граѓани против „гасни комори“, против „Македонија не постои“, против авторите на таквите слогани... Имаше луѓе што принципиелно се против војна. Понекогаш мислам дека на овие луѓе може да им се случи да имаат Милошевиќ на власт, Туѓман преку границата, да го имаат Аркан со Цеца на естрадата, и пак да повикуваат на прибирање на децата.
Не можеш да бидеш активист против војна, ама да се воздржиш од обвиненија. Војните не се создаваат преку ноќ и водат ирационално како последователна низа на инциденти. Војните се водат од куклари, од профитери и од лудаци и наша работа е да посочиме кон нив!
Ако пред 50 години во Македонија сме имале сила да кажеме „Виетнам на Виетнамците“ и да заземеме страна против воената интервенција на САД, наместо генерално да тупиме колку го сакаме мирот, зошто тоа не можеме да го кажеме и денес јасно и гласно? Зошто во саботата во Скопје не можевме да кажеме „Скопје е наше, Солун е ваш!“, или „Не јадам свињи, не слушам свињи“ преку нашите транспаренти? Националистите се дел од секој народ и наша работа е да ги препознаеме и изолираме, а не да маршираме покрај нив.
П.С. Една забелешка околу неутралноста на маршот: Ова е ставот на СДСМ во однос на меѓуетничките насилства, ова е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, а ова е манифестот на „Маршот за Мир“. Што мислите, до чии ставови е поблизок? Во случајов изгледа како неутралноста да била заземање страна... Да си ги прибереме децата, а?
Напиши коментар:
|
име:
|
|
|
е-маил:
добивајте известувања за коментарите на маил
|
|
|
порака:
|
|
Најчитани вести од последните 24 часа
Најкоментирани вести од последните 2 недели



