ДАЛИ ГЕРАСИМОВСКИ СТАВИЛ ПОТПИС НА НОВИ 80 ГРАДЕЖНИ ДОЗВОЛИ? Лабудовиќ го обвини противкандидатот за брутална бетонизација на Центар

Кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ не стравува дека ќе се повтори случајот со Данела Арсовска во Скопје поради составот на Советот на Општината.

314

Кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ го впери прстот кон својот противкандидат во вториот круг од изборите – актуелниот градоначалник Горан Герасимовски од СДСМ, посочувајќи го како креатор на она што се случува во општината, а кое Лабудовиќ го нарече брутална бетонизација на Центар.

– Жалам што Герасимовски не е овде во студиото, би сакал да го прашам дали е точно дека веќе подготвил нови 80 дозволи за градба на кои ставил свој потпис – праша Лабудовиќ во гостување на Телма.






Тој посочи дека бетонизацијата на централната скопска општина продолжува со несмалено темпо.

– Кога јас ќе станам градоначалник  правилата за градба ќе мора да се почитуваат од почеток до крај – од изработката на проектната документација, особено во текот на градбата – дали инвеститорот го почитува проектот, без да отстапува милиметар од тоа што е запишано – нагласи Лабудовиќ.

Истовремено, најави жестока битка за секој сантиметар јавен простор во интерес на граѓаните и јавно се обврза дека ќе инсистира на минималните 20 отсто зеленило околу објектот за секоја нова градба.

Во текот на мандатот Лабудовиќ потенцираше дека ќе бара и ќе наоѓа системски и одржливи решенија за сите проблеми во општината – нов пристап во сообраќајот кој ќе овозможи нормален тек, но и истовремено негово смирување, нов систем на паркирање со катни и монтажни и подземни гаражи, но и ослободени тротоари и многу пешачки зони – насекаде, а во тие рамки и Плоштадот Феникс што ќе биде спроти новата општинска зграда, а под нив 300 нови паркинг места. Најаво задолжителна ревизија на сите урбанистички планови и изработка на нови во интерес само на граѓаните и со нивно вклучување во изработката.

Најави и енергетско-ефикасни фасади на сите училишта и градинки, како и на сите постари станбени објекти, вложување во иновации во образованието и во талентирани ученици, многу нови садници и дрвореди, зелени површини секаде каде што може да се формираат, но првенствено – темелно чистење на секоја педа и секој агол во Центар.

Од име на општината ќе побара и сериозна поддршка за кошаркарскиот клуб „Работнички“.

Рече дека не стравува дека ќе се повтори случајот со Данела Арсовска во Скопје поради составот на Советот на Општината.

– Данела е лош пример, а јас секогаш стојам зад тоа дека се зависи од концептот и пристапот што го имате. Мојот ќе биде целосно отворен, со вклучување на сите советници, советнички групи и со отворена дискусија за сите понудени изборни програми, за да се искористи тоа што е најквалитетно во нив, а потоа заеднички да се решаваат проблемите на граѓаните – рече Лабудовиќ.

Тој очекува секој член на Советот, по неговиот пример, да ги тргне настрана партиските интереси и да се бори центарци да живејат поубаво, поконфорно, побезбедно и почисто.

– Тимот со кој заедно настапувам, програмата што ја нудиме и јас лично, со огромното професионално искуство – давам збор дека сè тоа што сме го кажале и ветиле – ќе го исполниме. Бидејќи ми е важно да ја испочитуваме довербата од граѓаните. Не ветувам празни нешта, не ветувам една иста работа по два-три пати, туку кажувам дека тоа што го имам како визија, а тоа го имаат и сите центарци, не е ова што му се случлува денес на Центар. Затоа на 2 ноември излезете и гласајте за број 2 – порача кандидатот за градоначалник Мирослав Лабудовиќ.

Поврзани содржини