Последна промена пред 12 минути | Четврток 24 Јули 2014 | 4 0
http://images.plusinfo.mk/kolumnisti/Pero.jpg

Подготвувајќи го “погребот“ на мојата сестричка како жртва на системот

  • Петар Стојковиќ

  • Прочитано: 19506
  • 30.09.2011
Сподели со твоите пријатели!

Останатo од Петар Стојковиќ

 Приказната почнува далечната 1999 година кога во моето семејство го добивме “четвртиот член“, малата Гордана Глигоровска. Се сеќавам како да беше вчера кога социјалниот работник и го “тутна“ в раце на мајка ми 10 месечното бебе чии шанси да преживее беа многу мали. Гордана е родена како здраво дете кое поради (не)грижата во Мајчин дом во Битола се има стекнато со низа комбинирани пречки во психомоторниот развој, меѓу кои и нејзиниот аутизам.
- “Анкица, ти и Господ!“ беа зборовите на социјалниот работник откако сите центри за рехабилитација го одбија нејзиното сместување и на крај заврши кај нас, како згрижувачко семејство при Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје.
Јас, мајка ми и татко ми, вложивме долгогодишна грижа, труд и работа со Гордана за да ја подобриме нејзината здравствена состојба. Од дете чии изгледи да преживее беа еднакви на нула, таа почна да се развива во дете со реални шанси за нормален живот. Ја оспособивме да оди, да зборува, да ја чувствува надворешната средина и луѓето околу неа...
Во одреден период од нејзиното сместување кај нас, поднесовме барање за нејзино посвојување. Непосредно по смртта на мојот татко, стигна и известувањето од Министерството за труд и социјална политика со кое не информираат дека нашето барање е одбиено поради законска пречка. Имено, старосната разлика помеѓу посвоителите и посвоеникот не смее да биде поголема од 45 години, а возраста на мојата мајка беше 2 години повеќе од онаа која можеше “да помине“. Но, и покрај се, Гордана остана во нашето семејство.
Откако на мојата мајка и се влоши видот, во договор со Центарот згрижувачката дејност ја превзеде мојата тетка, со тоа што ја промени нејзината адреса на живеење, како би можела малата Гордана да остане на истото место како и досега, во интерес на нејзиниот напредок. На 11 октомври оваа година, мојата тетка полни 65 години и со тоа го губи правото на извршување на функцијата згрижувачко семејство бидејќи според правилникот за згрижувачко семејство, “Згрижувач може да биде лице на возраст од 18 до 65 години, како горна граница за вршење на функцијата на згрижување на лице.“.
Иако беше во план јас да ја превземам грижата за Гордана, на неодамнешниот состанок во Центарот ме информираа дека направиле превид и дека постои друга законска пречка во врска со ова. Имено, “Во случај кога се сместува дете во згрижувачко семејство, старосната граница помеѓу згрижувачот и згриженото дете треба да е помала и приближна на природен однос родител дете, а најмногу до 50 години.“. Разликата помеѓу мене и Гордана во моментот изнесува 14 години, со што не го исполнувам горенаведениот предуслов да бидам нејзин згрижувач.
Нејзините биолошки родители не сакаат да се грижат за неа и грижата му ја препуштаат на Центарот за социјална работа на град Скопје. Центарот не може да ја смести Гордана во друго згрижувачко семејство бидејќи ретки се таквите семејства кои се нафаќаат да згрижат дете со тешки пречки во развојот, а воедно и преполните капацитети поради последната акција со децата питачи, па затоа решаваат Гордана да биде хоспитализирана во Заводот за рехабилитација на деца и млади во Топанско Поле.
Во Заводот, пак, санитарните услови и (не)стручноста на кадрите, како и честите случаи на сексуална злоупотреба на децата со посебни потреби, го доведуваат во прашање животот и понатамошниот развој на малата Гордана. Дали треба да го споменам случајот каде пред некоја година беше дефлорирано девојче кое беше пациент во дневниот центар за деца за посебни потреби од страна на друг штитеник на Заводот? И тоа девојче кое не било трајно сместено таму, туку носено по потреба од страна на нејзините родители. И ајде сега бидете со мирна совест дека се ќе биде во ред со детето кога всушност, истите тие институции, поради неадекватната грижа, од здрави деца прават инвалиди!
Јас ги искористив сите инструменти за да им предочам на Центарот и Министерството дека психомоторниот развојот на Гордана е условен токму од љубовта и емоционалната поврзаност со членовите на моето потесно семејство кое за нејзе претставува единствена врата со реалниот свет која овие институции свесно сакаат да и ја затворат и со тоа да ги фрлат во вода 13-годишниот труд и успеси кои беа постигнати. И тоа само поради некојси параграф во нивниот правилник!
- “Тоа е. Постапуваме според законот! Не можеме ништо надвор од законските рамки.“ беа зборовите на “стручниот тим“ од Центарот. Дали посебните потреби на овие деца можат и смеат да се генерализираат со една или две реченици во некој закон или правилник? Дали некои луѓе во пратенички фотељи кои носат закони за лица кои никогаш не ги виделе ниту ја познаваат нивната проблематика, можат и смеат да се ставаат во улога на Господ кога се во прашање животите на овие деца? До кога ќе дозволиме да има жртви на системот кои самите го дизајнираме?
Приказната завршува во понеделник, 3 октомври, кога ќе треба да ја однесам мојата мала сестричка назад во Центарот од каде потоа ќе биде сместена во Заводот во Скопје Север. Нејзината судбина е во рацете на Законот - мртви букви на парче хартија. Оставена на милост и немилост на системот.

Петар Стојковиќ

/style/images/posledni.jpg

Последни коментари (0)коментари

Прочитај ги сите коментари:

Напиши коментар:

име:
е-маил:

добивајте известувања за коментарите на маил
порака:
http://images.plusinfo.mk/commercials/Web-Banner-EVN-Snabduvanje-300x250.gif